Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Download PDF

Објавено 22 август 2012, во Магазин
Share |
Print page Cover Story

Скопје се гради

Соња Јованова- Наумовска
Скопје се гради

Близу 300 милиони евра изнесуваше пазарната вредност на станбената изградба лани. За годинава се најавуваат уште поголеми инвестиции, особено по влезот на турската компанија Џеваир холдинг која најави инвестиција од 300 милиони евра само во изградба на висококатници во скопската населба Аеродром. На домашен терен, пак, доминираат градежните компании Адора, Настел, Импексел, НЃ Инженеринг, Модинг, Иммпорекс, Соравиа, како главни играчи во градежната експанзија што се случува во земјава, особено во изградба на станбени комплекси

 

Новата странска инвестиција во градежништвото, изградбата на облакодери и трговски центар во скопски Аеродром од страна на турската компанија Џеваир Холдинг, го најави продолжението на градежната експанзија во главниот град во следните две години. Се проценува дека инвестицијата ќе вреди близу 300 милиони евра, а ако се земе предвид податокот дека лани приближно толку пари чинеше вредноста на сите изградени станбени објекти, станува јасно дека годинава во градежништвото ќе се свртат многу повеќе пари од лани. Бројот на издадени градежни дозволи продолжува да расте, а градежните компании сè уште се оптимистички настроени за изградба на нови станбени комплекси. Се чини дека во Македонија во време на криза, само градежништвото ја држи економијата, иако оваа стопанска гранка првиот квартал забележа пад од 9,8%. Всушност, градежната експанзија во земјава започна уште пред пет години, особено во Скопје, при што само од продажба на државно градежно земјиште се изградени или се во фаза на изградба околу 100 објекти за индивидуално домување, 280 индустриски капацитети, 70 згради за колективно домување, 56 за комерцијални и за деловни објекти, 16 хотели, 12 катни гаражи...

Неодамна, скопските градоначалници најавија и изградба на уште 800 нови станови во Ново Лисиче, 550 станови во Гази Баба, 300 локации за изградба на куќи и девет локации за станови во населбата Хиподром 2, стотина станови во Козле и 500 во Бутел... Сето тоа е планирано да се гради во Скопје во наредните две години. Иако минатата година поради кризата се чувствуваше мал застој, а меѓу инвеститорите завладеа блага паника дали ќе им се исплатат инвестициите во големиот број градежни објекти, за годинава повторно се најавува раздвижување на пазарот.

ЌЕ ИМА ЛИ ВО ИДНИНА ГРАДЕЖЕН БИЗНИС НА ВОДНО?!

По градежната експанзија која во последните две-три години се случува во Скопје, се отвори дилемата како се гради. Случајот, кога неодамна се сруши потпорен ѕид на Водно и оштети две станбени згради, го наметна прашањето: Дали овој инцидент ќе му зададе удар на бизнисот со изградба на станбен и деловен простор на една од најелитните локации во Скопје?

Експертите уште одамна алармираа дека е ризично да се гради на Водно поради опасност од лизгање на земјиштето. Но, во последните неколку години тоа го занемаруваа голем број инвеститори, а планината сè повеќе наликува на густо населена населба.

Дел од инвеститорите кои ги контактираше “Капитал“ веќе очекуваат раздвижување на побарувачката во другите делови на Скопје, но експертите се претпазливи.

Прогнозите на агенциите за недвижности се дека во Македонија и годинава ќе продолжи трендот на изградба на резиденцијални станбени комплекси, значително ќе се зголеми понудата на деловен простор, граѓаните ќе бараат сè поквалитетни станови, но нема да има некоја голема промена на цените на недвижностите.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на издадени дозволи за градење од почетокот на годината, во споредба со лани, опаѓа но, не така драстично во Скопје. Само во првата половина од годината во Скопје се издадени 314 одобренија за градба, при што се гледа дека најатрактивни населби и понатаму се Карпош и Кисела Вода, иако поради недостиг од слободни парцели во овие општини, очигледно е дека се раздвижува пазарот и во Бутел, Сопиште, Ѓорче Петров, на што силно влијание има и проектот “Купи куќа, купи стан“.

Само во скопските населби Ново Лисиче и Гази Баба во следните две години се планираат околу 1.400 станови за изградба.

“Оваа година само за градежно земјиште и за комуналии на државата ѝ плативме околу шест милиони евра. Очекуваме 2012 година да ја завршиме со најмалку 50% поголем приход од продажба во однос на лани, со оглед на нашите вкупни инвестиции од околу 40 милиони евра во висококвалитетни станови и деловни објекти“, вели Ванчо Чифлиганец, сопственик и генерален менаџер на Адора инженеринг, компанија која направи најголема експанзија во високоградбата последниве неколку години.


Адора, Настел, Импексел, Соравиа, НЃ Инженеринг се главните играчи во станбената изградба

Градежната експанзија веќе исфрли и неколку главни играчи во бизнисот со изградба на станови. Адора инженеринг, Зипинг, НЃ Инженеринг, Настел, Импексел, Американ констракшн, Модинг, Имморекс, Соравија, Никоб инженеринг, ВИА инжинеринг, БС инженеринг, се дел од имињата на главните инвеститори во новите станбени објекти. Ѓорѓи Николов, сопственик на НЃ Инженеринг, градежната компанија која минатата година оствари 3,3 милиони евра приход, и со тоа се најде на 46 место на листата на 200 најпрофитабилни компании, вели дека не ја чувствува кризата во градежништвото и дека и годинава има многу проекти за реализација.

Десет градежни компании се “вивнаа“ меѓу првите 200 најпрофитабилни компании

Според податоците од Централниот регистар, лани се појавија десет градежни компании меѓу првите 200 во земјава, според остварените приходи. Две од нив претходната година не биле на овој список, а тоа се Адора инженеринг од Скопје и Илинден од Струга, коишто со своите 12, односно 10 милиони евра приход се наоѓаат на 149-тото, односно на 179-тото место. Адора инженеринг има најголем пораст на приходите минатата година меѓу овие 10 компании, и тоа 138% и остварена добивка од 5,2 милиони евра, што е двојно повеќе во однос на 2010 година. Вкупниот приход на десетте најголеми градежни компании во 2011 година бил 280 милиони евра, а добивката 24 милиони евра или за 50% повеќе во однос на годината претходно. Најголем удел во приходот на овие 10 компании има Гранит, 36%, а најголемо учество во добивката на најголемите градежни компании имале Пелистер од Битола со 7,4 милиони евра, како и Гранит и Адора инженеринг со добивките претходно споменати. Овие три компании во добивката на десетте најголеми учествуваат со речиси 80%. За разлика од Гранит, Бетон, подружницата на Алпине бау и Конструктор-Македонија, коишто главниот дел од приходите го остваруваат од градежните зафати во “Скопје 2014“ и нешто од инфраструктура низ земјата, приходите на Пелистер, Адора, Илинден, НЃ Инженеринг, и на уште некои компании меѓу најголемите градежни компании се остварени во станбената изградба во Скопје, но и во Битола, Струмица, Охрид...

“Во Мичурин имаме неколку парцели, но чекаме општината да донесе нов ДУП. Исто и кај бараките околу поликлиниката Јане Сандански имаме потпишано да градиме две згради, а градиме и во Кисела Вода, Автокоманда... Досега имаме над 20 згради изградено и воопшто немаме проблем со продажба на становите. Ги продаваме уште во изградба по прифатлива цена, имаме побарувачка затоа што локациите се блиску до центар. Слушам од други инвеститори дека во моментот тешко им оди со продажбата, но јас немам таков проблем. Градам претежно на приватни парцели, никогаш не сум купил државна и супер ми оди, иако мора 30% од парцелата да вложиш за сопствениците“, вели Николов.

Меѓу резиденцијалните комплекси кои се најавуваат како нов “хит“ кога станува збор за семејно домување, е и комплексот на Водно кој го гради австрискиот инвеститор Соравија. Комплексот е од затворен тип со замисла, освен домување, да им понуди разни содржини на станарите за да не мора често да го напуштаат домот. Таму ќе се градат базени, спортски игралишта, спа-центри, ресторан, продавници. Ќе функционира како цела населба од затворен тип, затоа што овој кварт ќе има и приватно обезбедување на самиот влез.

“Три од објектите се во завршна фаза и во процедура е издавањето на имотни листови за нив. Четвртиот објект е во фаза на поставена фасада, преградени станови во кои се врши внатрешното уредување, а се очекува да биде завршен до крајот на оваа година и уште три објекти да бидат комплетирани до пролет наредната година. Во трите објекти чии станови ке бидат наскоро предадени, нема слободни за продажба, но сè уште имаме слободни станови во останатите четири објекти кои се во градба“, вели Васко Давитковски, менаџер за маркетинг и продажба во Соравија.

Тој вели дека сега засега не планираат нова изградба иако будно ги следеле сите случувања на пазарот.

“За типот на наредниот проект исто така ќе бидат битни сигналите од пазарот и затоа не можам со сигурност во моментов да кажам точно за каков проект би станало збор, но тоа што е сигурно е дека Соравија груп секако планира да остане присутна на овој пазар“, додава Давитковски.

Иако многу од градежните компании кои се занимаваат со високоградба ја реинвестираа добивката за да градат нови згради, голем број од градежните компании се задолжуваат кај банките за нова изградба. Неодамна Стопанска банка проектно го поддржа станбениот комплекс Гранд Престиж на инвеститорите Импексел 2 и Еуроактива. Станува збор за комплекс од 80.000 метри квадратни и целосната финансиска конструкција за истиот е во рангот над 60 милиони евра. Две од станбените згради се во финална фаза на изградба, а во процес на подготовка е изградбата на уште четири згради со што проектот ќе го постигне крајниот планиран изглед. Инвеститорите најавија дека првите две згради се очекува да бидат готови до октомври годинава. Становите ќе се продаваат по цена од околу 1.100 евра за метар квадратен, а ќе се понудат станови со различна големина, од 45 до 100 метри квадратни.

ЗА ТРИ ГОДИНИ МЕТРОПОЛАТА ЌЕ ДОБИЕ ОБЛАКОДЕРИ

За три години во скопската општина Аеродром ќе бидат изградени првите висококатници, инвестиција на турската компанија Џеваир холдинг, за која и официјално беше поставен камен-темелник. Станува збор за четири згради, од кои секоја ќе има по 42 ката, а во склоп на земјиштето кое се протега на површина од 280 илјади метри квадратни ќе биде изграден и трговско-деловен центар со што ќе се обезбеди простор за живеење за околу 5.000 луѓе, што е практично колку една мала македонска општина.

Станбениот комплекс ќе биде изграден на површина од 33.000 метри квадратни, секоја од зградите ќе биде висока по 130 метри, а ќе бидат изградени вкупно 1.376 станови. Трговскиот центар пак, ќе биде изграден на површина од 24.000 метри квадратни. Инаку, Џеваир холдинг преку својата компанија во земјава, Турмак, го купи земјиштето во скопски Аеродром од државата, во мај 2010 година. Иако со изградба требаше да почне порано, Џеваир холдинг доцнеше бидејќи згради високи и до 40 ката за првпат се градат во земјава, па компанијата се соочуваше со технички проблеми и недостиг од стручни проектанти, при што главните проекти мораше да ги прават странски проектанти кои потоа мораа да поминат на одобрување од домашните проектантски куќи.

“Сè уште ги градиме зградите од комплексот Гранд Престиж. Свесни сме дека изградбата на големи станбени комплекси носи големи ризици, но имаме поддршка од Стопанска банка со која сме во партнерски однос, тие учествуваат со 33% и ние со 66% и нè поддржуваат без разлика како ќе оди продажбата на становите. Две од зградите веќе се при крај, за две години треба да бидат завршени и останатите четири згради. Не сме многу задоволни од продажбата. Во првите две згради кои ќе бидат наскоро целосно готови продадени ни се 40% од становите, но сепак добрата локација ни дава комодитет“, вели Неим Хусеини, сопственик на Импексел 2.


Инвеститорите упорно градат, агенциите за недвижности прогнозираат стагнација

Иако секојдневно се појавуваат нови градби, пазарот на недвижности во Скопје делумно е замрен?! Ова е сликата за главниот град во очите на вработените во агенциите за недвижности. Не прогнозираат бројки и проценти, но потврдуваат дека се чувствува пад во делот на продажбата на недвижности.

„Цените стагнираат, но сè уште не можеме да зборуваме за екстремен пад. Ова важи за продажба на недвижности, додека за закуп уште од поодамна се паднати цените. Ова е податок за Скопје, додека низ другите градови е уште поголема криза и таму зборуваме за тотално неактивни пазари на недвижности“, вели Лилјана Ковачева од Здружението на агенции за недвижности при Стопанската комора.

Кога станува збор за намалување на цената на станбен квадрат, од почетокот на годинава нема поголеми промени, особено бидејќи во главниот град понудата сè уште е помала од побарувачката, како главен постулат врз кој се формира цената, вели Ковачева.

Од друга страна пак, минатата година поскапеа градежните материјали, кои покрај градежното земјиште и комуналните такси, значително влијаат врз формирањето на крајната цена. Ова го покажува и статистиката, според која во април годинава се издадени 9,1% помалку одобренија за градење во споредба со истиот месец лани, но предвидената вредност на објектите е за 60% поголема во однос на истиот месец претходната година.

Инаку, последните статистички податоци покажуваат и дека просечната цена на метар квадратен лани изнесувала 815 евра, што е 3,8% помалку во однос на 2010 година. Во Скопје пак, метар квадратен лани чинел 958 евра, што е за 8,1% помалку во споредба со 2010 година.


КОМЕНТАРИ

Коментирај

КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 669


РЕКЛАМИ


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ ИЗДАНИЈА